Партизан се врати на победнички патеки во Евролигата откако „црно-белите“ вечерва на домашен терен славеа над Макаби со убедливи 98-75. Мечот почна со хуманитарна акција и фрлање на плишани играчки на терен наменети за децата без родители ширум Србија, а шоуто на „црно-белите“ продолжи и на теренот. Избраниците на Жељко Обрадовиќ од самиот старт наметнаа силно темпо што гостите не успеаја да го следат, ја зголемуваа предноста од минута во минута и на крајот заслужено славеа со „плус 23“.
Стерлинг Браун беше прв стрелец на Партизан со 21 поен, Дејвис постигна 16, а одличен беше и Карлик Џонс, кој за 20 минути игра нанижа 11 поени, 8 асистенции и две украдени топки.
Фуриозната серија на Париз неодамна заврши, а францускиот тим не делува веќе така моќно како што тоа беше случај до пред еден месец. Доказ за тоа е денешниот пораз на домашен терен од Барселона, со убедливи 79-90, откако Ти-Џеј Шортс и соиграчите во првиот дел од сезоната како гости го совладаа каталонскиот гигант. Овојпат Барса заслужено славеше, шпанскиот состав цел натпревар го диктираше темпото и имаше убедливо водство, Париз за момент стигна до пет поени негатива, но доминацијата на Хернангомез во рекетот се покажа како клучен фактор на овој натпревар.
Шпанскиот центар го заврши мечот со 23 поени, 10 скокови и 8 изнудени прекршоци, Мету постигна 13 поени за Барса, додека Шортс повторно беше главна фигура кај Париз, но неговите 20 поени и 4 асистенции беа недоволни за позитивен резултат на вечерашниот дуел.
Панатинаикос ја оправда фаворитската улога против Виртус Болоња, рутински триумфирајќи на домашен терен со 111-90. Италијанскиот тим на шест минути до крајот беше на шест поени негатива (87-78), но европскиот првак одигра фуриозно во финишот и го збриша ривалот. Кендрик Нан беше незапирлив со 27 поени, а исто толку постигна и центарот Јуревцен, кој одлично се снајде како замена за повредениот Лесор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА