Партизан го растури Фенер, Пантер трагичар на Барса против Црвена Звезда

Партизан со импресивно издание го совлада Фенербахче со 90-81, за успешен крај на 2024 година на белградските „црно-бели“ кои допрва ги очекуваат тешки битки за влез во плејофот од Евролигата. Оваа победа е апсолутно заслужена ако се знае дека Партизан цело време го контролираше резултатот, а бесниот Јасикевичиус во немоќ на својот тим доби две брзи технички грешки и беше исклучен во четвртата четвртина. Извонреден во нападот на Партизан беше Вашингтон со 27 поени, Карлик Џонс постигна 14, а центарот Тајрик Џонс 13 поени за српскиот тим.

Црвена Звезда стигна до огромен триумф откако како гостин славеше над Барселона со 74-78, реванширајќи им се на каталонците за драматичниот пораз во Белград во првиот дел од сезоната. Кевин Пантер беше херој на Барса во Белград, но екс-капитенот на Партизан овојпат ја имаше улогата на трагичар на својот тим, правејќи три големи грешки во последните 90 секунди. Давидовац беше херој на Црвена Звезда постигнувајќи ја клучната тројка за 74-77, по што Недовиќ од линијата за слободни фрлања стави печат на големиот триумф.

Панатинаикос и без помошта на Матијас Лесор успеа да слави на тешкото гостување против Баерн Минхен со 69-80. Пресудна беше последната четвртина во која проработе шутот од далечина на ПАО, европскиот првак го доби овој период со  16-25 и стигна до двоцифрена победа. Кендрик Нан со 27 поени беше најефикасен во таборот на „зелено-белите“, 14 поени постигна Грант, додека прв стрелец на Баерн беше Обст со 19 поени.

Басконија со неверојатен пресврт го совлада Париз (94-81), јасен доказ дека францускиот тим го губи ритамот со кој се искачи и на првото место на табелата пред извесен период. Париз имаше огромни 19 поени предност во вториот период (38-57), но Шортс и соиграчите застанаа во остатокот од мечот, а одличниот тим на Басконија со фантастичен пресврт на крајот стигна и до убедлива победа.

Се вчитува...