Фенербахче денеска го официјализираше трансферот на Јам Мадар, израелскиот плејмејкер од редовите на КК Партизан, но се очекува ова да претставува почеток на сагата околу иднината на овој кошаркар.
Имено, турскиот гигант го комплетираше ангажманот на плејмејкерот кој според медиумите во оваа земја доаѓа како слободен играч. Имено, Партизан го имаше потпишано Мадар на „две плус една година“, а по истекот на првите две сезони тој наводно имал право да си замине без никаква отштета.
Шампионот на АБА-лигата има сосема поинакво толкување на ситуацијата, па „црно-белите“ се убедени дека според договорот што го имаат потпишано со Мадар, им следи соодветна отштета доколку тој си замине по две години минати во Белград. Челниците на Фенербахче немаат намера да платат ниту евро за овој трансфер, Партизан не отстапува, па се најавува дека двете страни ќе завршат на спортски суд, каде ќе биде одлучено кој е во право.
Во секој случај, заминувањето на Мадар е сериозен проблем за тренерот Обрадовиќ, кој останува без уште еден плејмејкер откако Егзум веќе се пресели во НБА-лигата. „Црно-белите“ се во завршна фаза од преговорите за враќање на Јарамаз од Баерн Минхен во своите редови, но се очекува Обрадовиќ да доведе уште еден плејмејкер во текот на летово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА