Партизан ја продолжува серијата одлични иданија во Евролигата откако „црно-белите“ вечерва како гости го декласираа тимот на Монако со убедливи 69-86. „Кнезовите“ ја имаа улогата на фаворити, но тимот на Жељко Обрадовиќ одигра импресивно во одбраната, функционираше и шутот од далечина и Партизан заслужено стигна до четвртата гостинска победа во низа.
Монако имаше „плус пет“ на самиот почеток, но првиот тајмаут на Обрадовиќ целосно ја промени ситуацијата на теренот, Партизан почна да доминира, да ја зголемува предноста и целосно да го контролира резултатот до самиот крај. Стерлинг Браун фантастично го отвори натпреварот за гостинскиот тим, во рекетот доминираше Брендон Дејвис, а кога во последната четвртина блесна и Тајрик Џонс беше јасно дека Монако нема што да бара на овој натпревар, со што беше прекината серијата од три домашни победи на „кнезовите“ во Евролигата.
Шестмина кошаркари на Партизан беа двоцифрени во оваа победа, Стерлинг Браун ги предводеше стрелците со 18, пред Тајрик Џонс со 17 и Дејвис со 15 постигнати поени. Најефикасни во таборот на Монако беа Калатес со 14 и Џејмс со 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

