Партизан ќе прави мини-ремонт: Карлик Џонс и Лундберг први на излезна врата

Пзртизан се бори за титулата во АБА-лигата како утешна награда по неуспешната евролигашка сезона, но „црно-белите“ паралелно со тоа го планираат и тимот за наредната сезона.

Потпишан беше нов договор со Стерлинг Браун, се разговара за  неколку нови засилувања, но белградскиот тим се подготвува и за заминување на дел од постоечките кошаркари. Ифе Лундберг и Карлик Џонс се првите кошаркари кои се очекува да си заминат, откако двајцата веќе добија интересни понуди за продолжување на кариерата.

Лундберг имаше разочарувачка евролигашка сезона откако пристигна од Виртус Болоња, Обрадовиќ не смета премногу сериозно на неговите услуги, а во меѓувреме данскиот репрезентативец доби понуда од Макаби. Притоа, израелскиот клуб е подготвен да му плати и отштета на Партизан, поради што овој трансфер се оценува како многу близок до реализација.

Поразлична е ситуацијата со Карлик Џонс, извонредниот плејмејкер кој воедно и беше најдобар кошаркар на Партизан сезонава. Тој има уште една година од договорот, но европскиот првак Фенербахче не ја крие желбата по секоја цена да го доведе Карлик во своите редови. Парите што тој би ги земал во Истанбул се многу поголеми од моментната плата во Партизан, а се шпекулира и дека белградскиот клуб би добил соодветна отштета од најмалку еден милион евра.

Се вчитува...