Партизан конечно победи, Димитријевиќ со „шестка“ против Реал, Барса загуби добиен меч…

Партизан ја прекина серијата порази во Евролигата откако „црно-белите“ вечерва на домашен терен славеа над Алба со убедливи 85-71. „Црно-белите“ имаа проблеми во првиот дел, но во второто полувреме конечно се одлепија и стигнаа до заслужена победа со која се враќаат во игра за плејофот. Брендон Дејвис со 22 поени беше најефикасен во таборот на Партизан, додека Карлик Џонс го заврши мечот со 15 поени и 9 асистенции.

Ненад Димитријевиќ постигна шест поени за Олимпија Милано на гостувањето против Реал Мадрид, дуел што „кралевите“ го добија со убедливи 96-89.  Муса ги предводеше стрелците на Реал со 21 поен, Тавареш постигна 19, а најефикасен кај Милано беше Миротиќ со 15 поени.

Барселона во драматичен дуел загуби на домашен терен од Баерн Минхен со 101-102. Каталонците имаат за што да жалат ако се знае дека на две минути до крајот водеа со 101-96, но не постигнаа ниту еден поен до самиот финиш. Лучиќ ги постигна клучните поени за Баерн од линијата за слободни фрлања, Барса имаше последна шанса, Пантер се обиде со тројка, но не успеа да погоди и каталонскиот гигант го загуби овој натпревар.

Монако дури по продолжение од пет минути успеа да ја оправда фаворитската улога против Жалгирис, триумфирајќи со конечни 96-86. Гостите од Литванија водеа речиси цел меч, Монако благодарение на Мајк Џејмс успеа да се избори за дополнителни пет минути во кои избраниците на Спанулис целосно доминираа и стигнаа до победата. Џејмс со 22 и Окобо со 21 поен беа најефикасни во победничкиот тим.

Лидерот Олимпијакос го претрпе и вториот пораз во низа, повторно изненадувачки акло се знае дека избраниците на Барцокас загубија на гостувањето против аутсајдерот Асвел, и тоа со убедливи 81-70. Везенков и Фурние постигнаа по 25 поени за Олимпијакос, но немаа помош од соиграчите, па Асвел заслужено триумфираше предводен од Маледон со 23 и Нандо де Коло со 18 поени.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...