Партизан на чекор до АБА-финалето – Будуќност без никакви шанси за триумф во Белград

Партизан се наоѓа на еден чекор до пласман во финалето на АБА-лигата откако белградските „црно-бели“ вечерва го декласираа Будуќност со 82-66 во првиот полуфинален дуел од регионалното натпреварување. Црногорците допатуваа во Белград со надеж за изненадување, но избраниците на Џикиќ немаа сили ниту за посериозен отпор, камоли за триумф над „пулените“ на Жељко Обрадовиќ.

Дуелот беше израмнет во првата четвртина што Партизан ја доби со 18-15, по што „црно-белите“ фуриозно го почнаа и вториот период и со серија од 11-0 набрзина стигнаа до предност од 29-15. Црногорците инсистираа на шут од далечина, но не беа во посакуваниот ритам, додека Партизан на спротивната страна знаеше да ги казни нивните промашувања. На одмор се замина со водство на Партизан од 41-28, што домашните кошаркари рутински го одржуваа и во второто полувреме, за на крајот да слават со конечни „плус шеснаесет“.

Ледеј беше најефикасен во таборот на Партизан со 19 поени, а одличен беше и Лесор, кој реализираше 11 поени, 9 скокови и 6 асистенции. Прв стрелец на Будуќност беше Сили со 16 поени и четири погодени тројки.

Партизан ќе има можност в недела во Подгорица со триумф да стави печат на пласманот во финалето, а во случај на триумф на Будуќност на овој натпревар, реваншот би се играл во текот на следната седмица во Белград.

Се вчитува...