Партизан не го дава Белград, Монако прв ја освои Пиреја

Партизан ја забележа втората победа во низа во Евролигата откако на домашен терен славеше против Жалгирис со 87-76. Белградскиот тим беше подобриот противник во поголемиот дел од мечот, рано стигна до водство, а потоа и одолеа на налетот на Литванците во третата четвртина.

Во натпреварот со преголем број на лични грешки, „црно-белите“ беа на врв на својата задача од линијата за слободни фралања, поготово во последната четвртина кога не му дозволија на противникот повторно резултатски да се доближи.

Кевин Пантер беше лидер на Партизан со 26 поени, додека Еванс со 16 поени и 9 асистенции го предводеше Жалгирис.


Монако му го нанесе првиот пораз на Олимпијакос во Евролигата откако славеше во пеколната атмосфера во Пиреја со 76-81. Натпреварот долго време го отсликуваше неизвесност во која двата тима постојано го менуваа водството, но финишот на третата четвртина донесе цврста одбрана на гостите за која грчкиот состав немаше одговор.

Истата продолжи и во последната четвртина во која Монако стигна и до предност од 12 поени (68-80), а Олимпијакос само успеа да го ублажи поразот со добрата игра во завршницата.

Мекисик со 15 поени беше лидер на Олимпијакос, додека Окобо го предводеше Монако со 23 поени и 4 асистенции.


На четврата победа во сезоната се радуваше и Макаби кој на домашен терен славеше против Панатинаикос со 85-74, а вториот пораз во низа го забележа Алба Берлин која беше „топедирана“ на гостувањето во Валенсија со 87-73.

Се вчитува...