Партизан не може без драма. Феноменална победа на „црно-белите“ на гостувањето во Истанбул во 15. коло од Евролигата против лидерот на табелата Фенербахче во повеќе од драматичен меч кој беше решен со поен од слободно фрлање на Алекса Аврамовиќ на три секунди пред крајот на мечот за триумф од 72-73.
Натпревар во кој Жељко Обрадовиќ првпат се врати во Истанбул откако го напушти големиот клуб, и веднаш со Партизан успеа да му го нанесе петтиот пораз на Фенербахче во Евролигата сезонава.
А, мечот мина низ крајно израмнет ритам, со цврста одбрана на двете страни, па Фенербахче замина со предност на полувремето од само 37-33.
Сосема идентично се играше и во второто полувреме, за да Партизан на четири минути до крајот дојде и до израмнување од 64-64. Се водеше израмнет финиш за да домашните со двете слободни фрлања на Девин Букер на една минута до крајот дојдат до 72-70. Но, Алекса Аврамовиќ на 28 секунди до финишот повторно носи израмнување за „црно-белите“. И откако Фенербахче промаши напад, на 3 секунди пред сирената прекршок изнуди Аврамовиќ и успеа да реализира само едно од двете слободни фрлања за конечна победа од 72-73, откако на крајот Фенербахче загуби топка во последниот напад.
Кевин Пантер и Матијас Лесор со по 12 поени беа најдобри кај Партизан, а Данте Ексум мечот го заврши со 10 поени. Во редовите на турскиот тим најдобар беше Скоти Вилбекин со 14 поени.
Фенербахче го доживеа петтиот пораз сезонава во Евролигата, останувајќи на десетте победи, а Партизан ја запиша шестата победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА