Партизан не знаеше што го снајде против Олимпијакос

Олимпијакос се зацврсти на врвот на евролигашката табела откако грчкиот гигант вечерва полесно од очекувањата го совлада Партизан со 82-70. Белградските „црно-бели“ дојдоа со надеж по трите победи во низа да приредат изненадување во Атина, но уште во раната фаза од мечот стана јасно дека тоа ќе биде  невозможно. Олимпијакос уште на самиот почеток успеа да стигне до двоцифрена предност што избраниците на Барцокас мајсторски ја одржуваа до самиот крај и конечните „плус 12“.

Везенков беше прв стрелец на грчкиот тим со 17 постигнати поени, Милутинов имаше 10 поени и 9 скокови, а Карлик Џонс со 17 поени беше најдобар поединец кај Партизан.

Анадолу Ефес ја оправда фаворитската улога против Виртус Болоња, триумфирајќи на домашен терен со убедливи 89-68. Гостите од Италија имаа и двоцифрена предност во втората четвртина, но Ефес влезе во ритам, најпрвин се врати, а потоа во второто полувреме го демолираше противникот и заслужено стигна до нов триумф. брајант со 21 поен беше најефикасен во таборот на Ефес, а одличен во рекетот беше Поарие со 18 поени и 13 скокови.

Макаби по подолго време врза две победи во низа откако израелскиот тим триумфираше на гостувањето против Асвел со 95-102. Рендолф ги предводеше стрелците на Макаби со 19 поени пред уште четири играчи кои имаа по 15 поени за израелскиот тим, додека најефикасен кај Асвел во вечерашниот пораз беше Нандо де Коло со 20 поени.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...