Партизан потона во финишот во Болоња

Партизан си го искомпликува животот во трката за плејофот во Евролигата откако шампионот на АБА претрпе уште еден пораз, овојпат на гостувањето против Виртус Болоња со резултат 88-84. „Црно-белите“ имаат за што да жалат ако се знае дека на три минути до крајот имаа „плус шест“, но со серија грешки го вратија противникот во игра, за во неизвесна завршница кошаркарите на Виртус да се радуваат на победата.

Партизан се врати од „минус десет“ во третата четвртина благодарение на одличниот Пантер кој имаше помош и од Аврамовиќ. Одбраната донесе водство во последната четвртина, но кога беше најважно „црно-белите“ загубија неколку топки и му дозволија на Виртус да се врати. Смајлагиќ погоди две слободни фрлања за водство од 79-81 на помалку од минута до крајот, но Лунберг погоди тројка и донесе предност на домаќините. Следеше промашување на Пантер, па две слободни фрлања на Абас, за веќе во следниот напад Абас да украде топка и атрактивно да забие, ставајќи крај на надежите за триумф на Партизан.

Белинели и Лундберг со по 20 поени беа најдобри поединци во победничкиот тим, кај Партизан најдобар стрелец беше Пантер со 22, пред Нанали со 18 поени.

Монако со фуриозна игра во последните десет минути стигна до пресврт и победа над Фенербахче од 76-69. Гостите од Турција имаа двоцифрена предност во третиот период, но пресуди одличното издание на „кнезовите“ во четвртата четвртина што домашниот состав ја доби со 21-8 и стигна до победата. Мајк Џејмс повторно беше извонреден со 23 поени и 6 асистенции, Окобо постигна 16, додека Шанли со 12 поени беше најефикасен кај Фенербахче.

Се вчитува...