Партизан пред потпис со еден од милениците на „гробари“

Партизан е на добар пат да го реши последниот проблем со ростерот, и тоа со ангажман на кошаркар кој е миленик на навивачите. Французинот Жофри Ловерњ е многу блиску до камбек во редовите на српскиот кошаркарски гигант откако летово го раскина договорот со Асвел, по што не успеа да најде ангажман во НБА-лигата каков што посакуваше.

Последните информации говорат дека Ловерњ и неговиот агент веќе се во завршна фаза од преговорите со Партизан, со што одличниот центар би се вратил назад во клубот чии бои успешно ги бранеше од 2012 до 2014 година.

Францускиот интернационец веднаш стана миленик на навивачите, нешто подоцна и го тетовираше грбот на Партизан на својата рака, а во претходните години неколку пати повторуваше дека сонува еден ден да се врати меѓу „црно-белите“.

Партизан е во потрага по нов центар откако летово си заминаа Дејвис и Копривица, а згора на тоа сега се повреди и Тајрик Џонс, па тренерот Обрадовиќ во моментов нема ниту еден играч за оваа позиција во тимот, на помалку од 20 дена до стартот на новата евролигашка сезона што Партизан ќе ја отвори со гостување во Дубаи.

Се вчитува...