Партизан славеше со 78-79 на гостувањето против Црвена Звезда, во уште еден драматичен дуел меѓу лутите ривали во рамките од Евролигата. „Црно-белите“ во драматична завршница со мирна рака од линијата за слободни фрлања ја осигураа победата, реванширајќи се на избраниците на Душко Ивановиќ за поразот во првиот дел од сезоната.
Партизан подобро го отвори натпреварот и стигна до солидна предност, но „црвено-белите“ предводени од Недовиќ и од Вилдоза успеаја да се вратат. Гостите подобро го финишираа полувремето и на одмор заминаа со водство од 37-45, но „црвено-белите“ успеаја да се вратат. Се чини дека Ивановиќ го заборави Недовиќ на клупата, враќајќи го дури во самиот финиш, на две минути до крајот, при пет поени негатива на неговиот тим. Српскиот репрезентативец веднаш по влегувањето во игра успеа да реализира, потоа прецизен беше и Вилдоза за намалување на „минус еден“, но Партизан умешно го приведе мечот до крај благодарение на мирната рака од линијата за слободни фрлања. Егзум стави печат на победата за „плус четири“ на пет секунди до крајот, пред Недовиќ со тројка да ги постави конечните 78-79.
Ледеј и Егзум со по 20 поени беа најефикасни во таборот на Партизан, додека најдобри поединци кај Црвена Звезда беа Вилдоза со 26 и Недовиќ со 23 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА