Партизан триумфално го заврши својот настап во Евролигата откако вечерва на домашен терен ја совлада Валенсија со резултат 79-66. Овој триумф сепак беше недоволен за пласман во плејин доигрувањето откако „црно-белите“ уште вчера, со поразот на Црвена Звезда од Ефес и официјално ги загубија сите шанси да ја продолжат овосезонската евролигашка авантура.
Вечерашниот меч беше без никакво резултатско значење за двата тима, што се одрази врз концентрацијата и во нападот и во одбраната. Валенсија подолго време имаше водство во првото полувреме, Партизан конечно се разбуди во вториот дел, за во последната четвртина избаниците на Жељко Обрадовиќ да го скршат отпорот на гостите од Шпанија и да стигнат до победата.
Американецот Џејлен Смит конечно доби посериозна шанса на евролигашки меч и максимално ја оправда довербата со 15 поени (5/6 за тројка), четири помалку од најдобриот стрелец Џејмс Нанели.
Олимпијакос по голема борба го совлада Фенербахче со 85-84, дури по продолжение од пет минути, исход кој кој грчкиот тим се искачи на петтото место на табелата кое значи четвртфинална серија против Барселона. Фенербахче по овој пораз ја заврши сезоната на шестата позиција, по што за место на фајналфор турнирот избраниците на Јасикевичиус ќе водат битка со Монако. Ајзеа Кенан со 27 поени беше прв стрелец на Олимпијакос на овој натпревар, додека Хејс-Дејвис ги предводеше стрелците на Фенербахче на спротивната страна со 21 постигнат поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА