Финалната серија во АБА-лигата почна со брејк откако Партизан на гостински терен го совлада тимот на Будуќност со 88=94, и тоа по продолжение од пет минути. Црногорскиот тим има за што да жали, ако се знае дека Будуќност имаше „плус девет“ на две минути до крајот, но Партизан со фантастичен камбек успеа да се врати, па потоа во дополнителните пет минути и да стигне до победата. Мора да се истакне дека МВП-кошаркарот од регуларниот дел на АБА, Мекинли Рајт, поради поради повреда одигра само осум минути и не постигна ниту еден поен за Будуќност, а во финишот незгодна повреда заработи и Морган.
Првата четвртина мина во израмнета борба и домаќините ја добија со 24-22, за Црногорците во вториот период да успеат да се одлепат резултатски и на одмор да заминат со 43-35 со слободното фрлање што го реализираше Камењаш. Партизан беше подобар противник само во третата четвртина што гостите предводени од Тајрик Џонс и од Стерлинг Браун ја добија со 18-25 и целосно се вратија во мечот.
Будуќност беше подобар тим кога се решаваше победникот, домаќините се одлепија на „плус девет“ на две минути до крајот, но Партизан успеа да се врати, Маринковиќ ја отвори серијата со својата прва тројка на мечот, потоа и Стерлинг Браун погоди тројка, Камењаш потоа промаши две слободни фрлања во финишот, по што Тајрик Џонс атрактивно заби на три секунди до крајот и го одведе мечот во продолжение.
Црногорскиот тим делуваше шокирано од ваквата разврска, а Партизан знаеше како да го искористи тоа, преку Тајрик Џонс поведе со „плус четири“ и ја задржа предноста до самиот крај за конечните 88-94.
Тајрик Џонс беше клучен играч на Партизан со 24 поени, 10 скокови и 4 асистенции, Стерлинг Браун беше прв стрелец на мечот со 30 поени, додека најефикасни во таборот на Будуќност беа Ферел со 17 и Сулеимон со 15 поени.
Финалната серија продолжува веќе в сабота во 21 часот, вториот меч повторно ќе се игра во салата „Морача“ во Подгорица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

