Партизан тргна со трилер-победа во новата сезона во српскиот фудбал (видео)

Новата сезона од фудбалскиот шампионат на Србија стартуваше со драматична победа на Партизан, кој со гол во судиското продолжение го скрши отпорот на Напредак Крушевац со минимална победа од 0-1.

Иако „црно-белите“ номинално важеа за гости, овој дуел се играше на нивниот стадион во Белград, но ниту поддршката од трибините не им помогна на избраниците на Станојевиќ да доминираат и да стигнат до рутински триумф. Нервите на „црно-белите“ се тенчеа се до 92. минута кога по една одлична акција ударот на Натхо беше изблокиран, но на топката налета Салдања и од непосредна близина ја смести во мрежата.

Трагичар на тимот на Напредак беше македонскиот интернационалец Милош Тошески, кој доби црвен картон на средината од второто полувреме по еден старт над Ѓурѓевиќ. Тимот од Крушевац и со играч помалку долго одолеваше на налетите на фаворитот, но сепак примениот гол во судиското продолжение пресуди Напредак да остане без ниту еден бод на овој интересен натпревар.


Се вчитува...