Пелистер во втората сезона во АБА2 лигата успеа да се избори за место во разигрувањето за титула и шанса за пласман во елитното регионално натпреварување во сезоната која следи, а сега пред „зелено-белите“ е најголемиот предизвик во досегашниот дел од сезоната – натпревар против фаворизираниот Хелиос на негов терен во четвртфиналето кое е закажано со почеток од 18 часот.
Турнирските натпревари се нешто посебно, во нив никој нема право на грешка, а тоа добро го знае и Пелистер со искуството од домашното Куп натпреварување па тренерот на битолскиот тим, Марјан Илиевски најавува борба до последната секунда.
„Можам да ветам дека ќе се бориме до последна секунда. Не одиме на Ф8 само да бидеме учесници. Кога веќе е дадена шанса да бидеме учесници, домаќинот ќе го има притисокот, а наше е да излеземе и да се бориме до последна топка, да покажеме дека сме екипа која не е случајно таму. Мора да нагласам дека не сме сигурни си кој ростер ќе патуваме, бидејќи имаме технички проблеми и ќе ми биде жал што нема да бидеме комплетни. Секој играч ни значи, сега ни се повреди и Андреј Маслинко, се надевам не се работи за сериозна повреда“, изјави тренерот на битолчани пред патувањето во Домжале.
Неповолно искуство од турнирскиот систем има и самиот Хелиос кој на минатогодишната завршница во СЦ „Јане Сандански“ започна од второто место, но претрпе пораз од седмопласираниот Златибор во првиот ден. На турнирот во нашиот главен град на место во „елитата“ подоцна се радуваше МЗТ Скопје, а дали овој пат ќе има ново македонско славје останува да видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА