Патот до ЕП во Германија води преку Прага: Македонија во мисија „да се биде или не“!

ЕКИПА во Прага, Чешка
Горан Бошев

Во некои дамнешни времиња, во овој период Македонија веќе немаше никакви надежи за пласман на едно големо натпреварување. Но, во последно време „рисовите“ и тоа како им „пркосат“ на големите репрезентации, заматуваат сметки на европски шампиони како што е Италија, на поранешни светски прваци како што беше победата над Германија. Македонија на три кола до крајот на квалификациите за ЕВРО 2024 и натаму е во игра за пласман на големиот европски собир во Германија.

А, патот до тој собир оди преку град во соседството на домаќинот на следното ЕП. Во чешката престолнина, во Прага, македонскиот национален тим со почеток од 15:00 часот го игра најважниот натпревар во овие квалификации. На неутрален терен гостува на Украина, над која има и нерасчистени сметки, особено после победата во Скопје од 3-2, остварена во последните 30 минути, откако Украинците беа тотално демолирани и надиграни и имаа негатива од 2-0. Но, грешките Македонија скапо ги плати во Скопје, а дека научи од нив, ќе треба да покаже денеска во натпреварот „да се биде или не“ за нашата репрезентација. И Украина и Македонија, како и селекцијата на Италија имаат по седум бодови, со тоа што „Азурите“ имаат меч помалку, па така до крај ќе биде неизвесно во оваа група за втората позиција.

Селекторот Благоја Милевски верува дека грешките се научени, и убеден дека ова ќе биде сосема различен натпревар од тој од Скопје. Очекува отворен фудбал од двете селекции, кои ќе треба да додат на се или ништо, односно од овој меч зависи дали ќе се продолжи патот кон Германија, или тука ќе згаснат надежите дека може одново Македонија да игра на еден голем европски собир.

„Верувам дека овој натпревар ќе биде сосема поинаков од тој во Скопје. Очекувам отворен меч од двете страни, затоа што само победа им одговара на двете репрезентации. Што се однесува до момците, сите се мотивирани да дадат максимум на овој натпревар. Секогаш кога се игра за националниот тим, треба да се даде максимум без разлика на противникот. Точно е дека има притисок, но кога има притисок, тоа значи дека вредиме, дека сме во игра, дека очекувањата од нас се големи. Играме против силна репрезентација, но и ние имаме што да кажеме и се надевам дека ќе се покажеме во добро издание против Украина“, рече Милевски.

Капитенот Енис Барди кажа дека тој и неговите соиграчи научиле многу од првиот меч против Украина во Скопје, и дека денеска очекува да биде сосема поинаку.

„Секога со соиграчите зборуваме за нашите недостатовци, зборуваме за тој менталитет што сакаме да го промениме, и мислам дека сега ќе биде подруго, и да се фокусираме сега, научивме доста од тоа што беше порано, сега да се фокусираме на сегашноста, и мислиме само за Украина. Јас се надевам дека сите до еден ќе одиграме максимално ангажирано и дисциплинирано и тоа ќе даде резултат“, вели Барди.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024, ГРУПА „Ц“

6. КОЛО

Прага: УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА

Бари: ИТАЛИЈА – МАЛТА

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...