Њу Ингланд Петриотс ја освоија шестата шампионска титула во НФЛ лигата триумфирајќи на 53. издание на Супербоул во Атланта. Со ова се израмнија со Питсбург Стилерс на лидерското место на најуспешните во историјата.
Том Брејди со шест прстени стана најуспешниот играч во НФЛ историјата, а ваков рекорд држи и тренерот на Њу Ингланд, Бил Беличик.
Џулијан Еделмен го доби признанието за МВП на Супербоул. Тој стана вториот најуспешен фаќач во историјата на НФЛ, веднаш зад легендарниот Џери Рајс.
„Пресреќен сум за мојот тим. Ова е остварување на сонот за сите нас. Ова беше одлична година“ – изјави по историскиот успех Том Брејди кој уште еднаш потврди дека нема намера да се пензионира уште три сезони. Тој има 41 година.
„Ова е многу слатко. Никој не сметаше на нас, ниту на почетокот од сезоната, ниту пак во средината од шампионатот, но ние сме уште тука“ – рече Беличик кој стана највозрасниот тренер со Супербоул титула.
Супербоулот во Атланта ќе остане запаметен уште и по неколку податоци. Ова беше изданието со само еден тачдаун, најмалку воопшто досега. Во ова финале беа постигнати најмалку поени од победничкиот тим (13). Том Брејди е најстариот стартер и освојувач на Супербоул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА