Пау Гасол поради незгодната повреда на стопалото подолго време е надвор од терените, но шпанскиот ветеран планира да одигра уште една сезона пред и официјално да се збогува од кошарката. Тој е без клуб откако му беше раскинат договорот со Портланд, а Гасол не крие дека има две желби од кои би сакал една да му се исполни при изборот на клуб за новата сезона.
„Ако повредата е целосно санирана би играл уште една сезона, ќе видиме дали тоа ќе биде во НБА или во Евролигата. Прва желба ми е да го облечам дресот на ЛА Лејкерс и со овој тим да го нападнам трофејот во НБА-лигата. Ако тоа не е возможно, Барселона исто така е многу атрактивна опција. Мора да се биде реален, да се согледаат вистинските можности и да се види ситуацијата, што е најдобро во моментот кога ќе го носам конечниот избор“, истакна Гасол.
Одличниот крилен центар три години со голем успех го носеше дресот на Барселона, пред да замине во НБА-лигата во 2001 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА