И женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, денеска со првиот собир во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица ги стартуваше подготовките за настапите во ЦЕВ Сребренета Европска лига.
Селекторот Стефан Пауновиќ го означи стартот на подготовките за настапот во Сребрената Европска лига 2025, нагласувајќи дека националниот тим нема да игра споредна улога низ европското натпреварување оваа сезона.

Во одлична атмосфера екипата го започнува темпирањето на формата за вториот настап во ова европско репрезентативно натпреварување. Размислувањата се позитивни, со оглед на тоа дека селекцијата е веќе подолго време заедно, девојките се поискусни, а и противниците се по мерка.

„Со девојките кои се дел од репрезентацијата веќе некое време градиме одреден систем на работа. Добро ги познаваме и противниците, мислам дека имаме шанси, тоа се некои репрезентации кои се на наше ниво. Очекувам да одиме чекор по чекор, таков ќе биде договорот и со девојките, чекор по чекор и ќе го видиме на крајот резултатот. Два турнири играме на домашен терен и тоа може да биде и предност и притисок. Ние ќе се подготвуваме, тој притисок да го претвориме во предност. Тоа ќе ни биде важно во овој период да се подготвиме и ментално, и физички и тактички за да бидеме подготвени за она што не очекува. Оптимист сум, веќе ги гледав натпреварите на ривалите од претходниот циклус. Луксембург во последните години има убав континуитет, Швајцарија е селекција која сеуште има шанси за пласман на Европското првенство, но во оваа Сребрена лига сигурно не влегуваме како аутсајдери, без разлика што се кажува на хартија. Сигурен сум дека ќе се бориме за се – за секој поен, за секој сет, со секоја екипа. Нема да гледаме кој е на другата страна, ние ќе ја играме нашата игра и ќе се подготвуваме за тоа, а кој ќе се најде на спротивната страна треба да се плаши“ – потенцира селекторот Стефан Пауновиќ.
Натпреварите од Сребрената Европска лига се сметаат и како одлична подготовка на селекцијата за квалификацискиот двомеч со Грција и Австрија за Европското првенство 2026.
„За овој летен собир очекуваме разиграна игра, имаме повеќе натпревари во кои може да се прикажеме во подобро светло во однос на претходните години. Очекуваме да дадеме се од себе и да дадеме резултат. Сметам дека е голема предност за нас што ќе играме на домашен терен два турнири, очекуваме голема поддршка од трибините. Ќе одиме чекор по чекор, натпреварите во Сребрената лига ќе бидат одлични за нас како подготовка за квалификацискиот двомеч што не очекува во август, и ова е само голем плус за нас“ – вели репрезентативката Мери Бошковска.
Салата „Парк“ во Струмица ќе биде базата на репрезентацијата се до почетокот на годинешното издание на ЦЕВ Сребрената Европска лига. Македонија е домаќин на еден од турнирите во првиот викенд, односно од 30 мај до 1 јуни ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



















