Пауновиќ: Тимот покажа карактер, горд сум на девојките, ова е плод на четиригодишна работа

Селекторот на женскиот национален тим Стефан Пауновиќ по четиригодишна работа првпат се израдува на победа како предводник на Македонија. Тој силно верува дека допрва ќе следи најдоброто од овој тим.

„Она што женската репрезентативна одбојка го чекаше 17 години, а што јас како селектор и оваа генерација го чекавме четири години се реализираше синоќа. Победата над Луксембург е производ на заедничката работа на екипата и Федерацијата целиот овој период. Горд сум на оваа генерација, која носеше голем товар поради долгите години апстинација на европско тло, а која сега создава нешто и се враќа на континенталната мапа“, задоволно констатира селекторот Стефан Пауновиќ и продолжува: „Факт е дека со Луксембург одигравме натпревар во кој не бевме на високо ниво. Како за прв меч, бевме во грч, и под притисок на императивот – победа. Успеавме да се избориме и со притисокот и со емоциите, овој тим покажа карактер, дека и кога е најтешко можеме да играме.“

Македонските одбојкарки утре, во 20 часот, ќе се соочат со Швајцарија, ривал кој е далеку поквалитетен и посериозен и кој е еден од претендентите за освојување на ЦЕВ Европската Сребрена лига.

„Радоста од мечот со Луксембруг ја оставаме зад нас, нема време за славење, веќе сме фокусирани на следниот противник – Швајцарија. Пред нас е еден од најквалитетните тимови во годинешното издание од Сребрената лига и ќе биде тешко да играме против нив. Но верувам во мојот тим и во неговите квалитети. Нема да излеземе на терен со бело знаме. Имаме и ние наши адути, кои се надевам дека со добра тактичка подготовка ќе ни донесат и добар резултат во недела. Публиката ќе биде и тоа како важна за нас и на овој натпревар и се надевам дека уште еднаш ќе ги наполни трибините во салата ‘Парк’ и заедно ќе се радуваме на крајот“, завршува селекторот Пауновиќ.

Се вчитува...