Паузата со Вардар го чинеше Дисингер место на СП

Левиот бек на Вардар, Кристијан Дисингер, е „жртва“ при последната промена во составот на германскиот национален тим за СП 2021, непосредно пред тргнувањето на пат за Египет. Овој ракометар ги одработе подготовките со остатокот од репрезентацијата и требаше да се најде на финалниот список на Гисласон, но германскиот селектор во последен момент ги промени плановите.

„Разговаравме отворено за ситуацијата, се согласивме дека Дисингер не е подготвен за настап на СП. Прекините во текот на сезоната поради неколкуте карантини, како и неговата болест, придонесоа тој да не е подготвен за она што се бара од репрезентативците на едно вакво стресно натпреварување. Поради ова, на негово место го повикавме Лукас Штуцке“, изјави Гисласон.

Самиот Дисингер не го криеше разочарувањето, но се согласи со ставот на селекторот.

„Тажен сум и разочаран, но да бидам искрен, селекторот е во право. Во изминатите седмици во кои интензивно трениравме се соочив со многу повеќе проблеми отколку што мислев, така што нема да можам да помогнам на репрезентацијата онака како што посакувам“, истакна асот на Вардар.

Се вчитува...