Павлов пристигна во Македонија, фановите го дочекаа со пораката – „Емил ти си наша икона“! (ВИДЕО)

Најдобриот македонски каратист во борби Емил Павлов (29), вечерва беше пречeкан од голем број на фанови на „Меѓународниот аеродром Скопје”, а тие во еден глас му порачаа: „Емил ти си наша икона“!

Скромниот штипјанец  го освои сребрениот медал на Светското првенство (СП) во Дубаи (категорија до 67 кг), откако во финалната борба загуби од францускиот претставник и носител на златен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, Стивен да Коста.

 

 

Освоеното сребро на Павлов, кој првпат настапи во една категорија погоре, претставува и најголем успех во борби воопшто на македонското карате на светските првенства. Претходно Жарко Арсовски освои бронзен медал на СП во Белград во 2010 година.

Павлов е двократен европски првак (во Тампере во 2014 и во Нови Сад во 2018 година) и двапати трет (во Монпелје во 2016-та и во Гвадалахара во 2019 година), а освојувач е и на бронзен медал од Европските игри во 2015 година во Баку.

Павлов до финалниот дуел на СП 2021 дојде откако забележа пет победи, и тоа против Словакот Матеј Хомола, Узбекистанецот Садридин Сајматов, Јорданецот Абдалах Хамат, Египќанецот Али Елксави и во полуфиналето на дуелот со Унгарецот Мартиал Тадиши. Другите македонски претставници поединечно и екипно во борби и поединечно во кати, не освоија медал.

Се вчитува...