Најдобриот македонски каратист Емил Павлов се подготвува за настапот на Европските игри кои се одржуваат во Минск, Белорусија. Спортистот на Македонија за 2018 година вели дека е подготвен за предизвикот кој го очекува и се надева дека ќе успее да освои медал и повторно да го израдува македонскиот народ.
„Европските игри заедно со Европското првенство се најважните натпреварувања за мене годинава. На Европското првенство успеав да освојам медал, се надевам дека тоа ќе го повторам и на игрите во Минск. Се чувствувам подготвено и знам дека можам да освојам медал и повторно да ја израдувам Македонија“, вели Павлов.
Борбите во категоријата до 60 килограми на програмата ќе бидат во недела, на последниот натпреварувачки ден на игрите, а Павлов вели дека ќе има навистина жестока конкуренција, бидејќи во неговата категорија најдобрите каратисти во светот, доаѓаат од стариот континент.
„Конкуренцијата е навистина жестока. Тука е светскиот шампион, Италијанецот Анџело Крешенцо, кој минатата година на Европското првенство го победив во финалето. На игрите ќе биде и европскиот шампион Евгениј Плахутин од кого загубив во полуфиналето на последниот шампионат. Сите одлично се познаваме и мислам дека нијанси ќе одлучуваат за тоа кои ќе бидат освојувачи на медали“, додава Павлов.
За Европските игри во Минск, Павлов се подготвуваше заедно со својот тим и У21 репрезентацијата на Македонија, во хотел Гогов во Пехчево.
„Подготовките за игрите ги имав во хотел Гогов во Пехчево, каде бев заедно со У21 репрезентацијата и со мојот тим со кој работам цела кариера. Со мене беше тренерот на државната репрезентација во борби и мој клупски тренер Сашко Арсовски и еден од најдобрите каратисти во историјата на Македонија Жарко Арсовски. За скаутирање на противниците се погрижи Петар Белистојаноски, кој исто така работи со мене пред секое големо натпреварување. Сметам дека само со добар тим за себе може еден спортист да бележи големи резултати“, завршува Павлов.
Емил Павлов е единствениот македонски спортист кој го носи епитетот Европски шампион во олимписки спорт, од осамостојувањето на нашата земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА