Идејата за формирање на фудбалска Суперлига на Европа се соочи со нов сериозен удар, откако Јувентус денеска и официјално објави дека се повлекува од идејата да биде дел од овој проект. За потсетување, италијанскиот гигант беше еден од трите тима (заедно со Реал Мадрид и Барселона) кои останаа зад идејата и по повлекувањето на останатите клубови кои беа дел од првичната иницијатива.
Сепак, ситуацијата се промени по низата скандали во кои беше вклучен Јувентус, за што доби казна од Италијанската Фудбалска Федерација, а лесно можеше да се случи и да добие забрана за настап во европските натпреварувања на УЕФА.
Како што јавуваат италијанските медиуми, заминувањето на екс-претседателот Ањели бил прв услов да се седне на маса со челниците на УЕФА, по што почнале и „пазарењата“ за „старата дама“ да мине со што поблага санкција, без забрана за настап во европските купови. Условот на Чеферин според овие извори бил јавно откажување од идејата за Супер-лигата, што на крајот било прифатено од страна на новата управа на Јувентус.
„Црно-белите“ од Торино најпрвин за оваа одлука ги информирале Реал Мадрид и Барселона, по што попладнево стигна и официјално соопштение од Јувентус дека се стартува процедурата за повлекување од проектот наречен Супер-лига, бидејќи тоа не може да биде сторено моментно со една одлука, што би повлекла и правни последици за „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

