Ракометната репрезентација на Македонија вечерва (20.15 часот) му гостува на Луксембург во претпоследното коло од квалификациите за ЕП 2024 во Германија, уште еден дуел на кој нашите ракометари ќе ја имаат фаворитската улога. „Црвено-жолтите“ моментно се второпласирани во групата и со една нога веќе се на ЕП, а денешниот дуел со аутсајдерот во групата е иделна можност за „печат“ на новата европска виза.
Квалитетот дефинитивно е на страната на Македонија, тоа беше потврдено и на првиот натпревар што нашата национална селекција го доби со 38-24, па иако Луксембург на вечерашниот дуел ќе настапи со нов селектор и променет ростер, тоа не го менува фактот дека Македонија е апсолутен фаворит.
Клучно, сепак ќе биде да не дојде до опуштање во нашите редови бидејќи ако избраниците на Лазаров одиграат на посакуваното ниво, успехот е загарантиран.
„Од она кое го гледам, бидејќи 90% од нашите репрезентативци доаѓаат од нашата лига, можам да бидам задоволен, од нивната моментална форма. Познавајќи ги сите, мислам дека ќе го сфатат овој предизвик повеќе од сериозно. Ние сме благи фаворити иако сме млада репрезентација. Ја преземаме таа улога, но во спортот се покажало дека мора да сме претпазливи. Нема да дозволам во ниеден момент да го потцениме противникот, на пример едни Фарски Острови прават изненадувања. Ние сме на чекор до ЕП 2024, верувам во овој тим и ќе си ја сфатиме работата сериозно. Така ќе се поставам и јас како селектор. Ќе се обидам некои работи во минатото кои не функционирале, посебно во дефанзивата, да ги поправиме и да изгледаме уште подобро“, изјави Лазаров.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

