Фантастичната серија резултати на Барселона продолжи и попладнево откако каталонскиот гигант ја преслуша на гостински терен Џирона со убедливи 1-4.
Токму Џирона лани им создаде најголеми проблеми на каталонците стигнувајќи до две победи со вкупно осум постигнати погодоци, но Ханси Флик успеа во она што не му поаѓаше од рака на Чави, да го неутрализира составот на Мичел и на спротивната да ги искористи сопствените шанси. Точка на победата стави Педри, кој мајсторски се снајде и го постигна четвртиот гол за Барса на ова незгодно гостување.
„Секогаш е многу важно победнички да влезеш во една сезона. Го правиме токму тоа, не се сеќавам да сме почнале толку добро со години наназад. Пресреќни сме бидејќи Џирона е одличен тим кој игра квалитетен фудбал и добро се снаоѓа кога ја има топката во свој посед. Сепак, одигравме во високо темпо, со силен интензитет и тоа ни ја донесе победата. Тренерот Флик е децидно јасен околу начинот на кој треба да играме пресинг, тоа функционираше беспрекорно. Голот го посветувам на Флик, пред мечот му реков дека ќе дадам гол и ќе дојдам да го прославам со него, пресреќен сум што тоа се оствари“, изјави Педри по мечот.
Барселона е единствениот тим со максимални 15 бода по првите пет рунди од новата сезона во Ла Лига, со четири бода предност во однос на второпласираниот Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА