Педро Акоста следната година на КТМ

КТМ Рејсинг потврди дека Педро Акоста ќе биде фабрички возач следната сезона, откако потпиша повеќегодишен договор. Акоста во текот на кариерата ги брани боите на австриската компанија, а од дебито во кралската класа за Гас Гас ги излудуваше сите љубители на мотоциклизмот.

Младиот Шпанец, кој минатиот викенд наполни 20 години, стигна до подиумот веќе на својата втора трка во најсилната категорија, каде што досега се најде уште еднаш. До Германското ГП има можност да го надмине рекордот на Марк Маркез, кој е најмладиот победник во историјата.

Акоста дебитираше на Светското првенство пред нешто повеќе од три години, во првата сезона ја освои титулата во Мото3, а минатата сезона тој успех го повтори и во Мото2. Досега има забележано 16 победи и вкупно 29 подиуми на 59 трки.

Доаѓањето на Акоста значи и збогување на Џек Милер со КТМ, бидејќи Бред Биндер има договор за следната сезона.

Се вчитува...