Пехчево живее за фудбал – Мартин Стојанов е херојот на Кит Го!

Пехчево во моментов дефинитивно е најфудбалскиот град во Македонија. Ако се суди, барем, по еуфоријата која владее во малото гратче од Малешевијата, по вчерашната голема победа на Кит Го против Шкупи во шеснаесетфиналето од Купот на Македонија.

Во извонреден амбиент, преполни трибини, Пехчево вчера живееше со радоста на своите фудбалери благодарение на пласманот на Кит Го меѓу најдобрите 16 екипи во Купот на Македонија. Клубот кој за само две сезони од најниските домашни лиги стигна и до Втората лига а сега веќе пркоси и на најсилните македонски прволигаши. Сето тоа благодарение на Кирил Гогов, кој успеа да создаде максимално респектабилен клуб согласно своите замисли и професионални стандарди на кои може да им позавидат и најквалитетните прволигаши…

А, херојот во вчерашниот триумф на Кит Го е 19-годишниот Мартин Стојанов кој со два погодоци го реши Шкупи. Еден од најталентираните македонски фудбалери вели дека овој триумф е голем мотив за сите во клубот да се продолжи уште понапорно во желбата за остварување на зацртаните цели.

„Оваа победа нека ни биде мотив да продолжиме со добри игра и понатаму. Победивме екипа која е една од најдобрите во Македонија. Уште од почетокот на мечот пристапивме максимално ангажирано знаејќи дека само така можеме до позитивен резултат“ – вели Мартин Стојанов и продолжува:

„За триумфот е заслужна целата екипа. Да, јас постигнав голови но победи тимскиот дух. Тоа е најголемата сила на Кит Го, тимскиот дух кој владее во тимот благодарение и на максимално професионално поставените условите за работа од сопственикот Кирил Гогов. Тоа го препознава и публиката која на секој натпревар не бодри максимално. Пехчево живее за фудбал“.

Од дуелот со Шкупи, за жал, ќе остане и повредата на голманот Мирза Дураковиќ при еден дуел…

„Му посакуваме на Дураковиќ што побрзо да се врати на терените. За жал, ете тоа остана негативно од вчерашната пресметка но верувам дека ќе се врати уште посилен“ – вели Стојанов.

Се вчитува...