Македонските ракометари ќе имаат огромна поддршка од трибините на ВИП Арена „Борис Трајковски“ на дуелот со Исланд откако денеска беа продадени и последните билети кои се најдоа во слободна продажба за квалификацискиот меч меѓу двете селекции за пласман на ЕП 2018.
Ова го потврдија и одговорните од Ракометната Федерација на Македонија, кои воедно јавно ги замолуваат фановите од безбедносни причини порано да дојдат во салата.
„Трибините на ВИП Арена „Борис Трајковски“ ќе бидат исполнети до последното место за натпреварот Македонија – Исланд. На еден ден пред почетокот на натпреварот, продадени се сите влезници во салата.
Поради големиот интерес за натпреварот, а и од безбедносни причини, ги замолуваме фанови на репрезентацијата кои успеаја да обезбедат влезници за натпреварот, да дојдат порано во ВИП Арена „Борис Трајковски“, за уредно да го најдат своето место за седење. Утре, на денот на натпреварот, вратите во салата ќе бидат отворени од 18:30 часот, а ќе се затворат во 19:45 часот.
Почетокот на натпреварот од Квалификациите за ЕП 2018 помеѓу Македонија и Исланд е закажан за 20:00 часот“ – се вели во информацијата на Ракометната Федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА