Пеколно дерби во Автокоманда: Алкалоид во последната секунди испушти триумф над шампионот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Алкалоид и Е. Пелистер одиграа супер-дерби во 3. коло од ракометната Суперлига на Македонија кое заврши на крајот без победник, 33-33, и покрај тоа што домаќините во Автокоманда го имаа во рака шампионот на Македонија. Младите ракометари на Алкалоид беа подобар тим на паркетот во текот на целиот натпревар, но дозволија буквално во последната минута да „прокоцкаат“ два гола предност дозволувајќи и на „пелистерци“ да дојдат до бод.

Алкалоид почна фуриозно од самиот почеток на мечот па рано се стекна со предност која потоа во континуитет ја одржуваше и зголемуваше од минута на минута. Во 15. минута домашните веќе имаа и водство од 8-5, па потоа гостите успеаја некако да се вратат во игра но намалувајќи единствено до минус еден негатива.

Така се одржуваше се до полувремето кое заврши со предност на Алкалоид од 15-14.

Во второто полувреме, во 38. минута домашните ракометари дојдоа и до предност од четири гола разлика, 20-16, а потоа низ продолжението одржуваа водство од два до три гола, се до самиот финиш. На три минути пред крајот, непромислен потег на Дејан Манасков кој доби исклучување а Митев реализираше пенал за водство од 32-30 на Алкалоид. Потоа одлична одбрана на Галевски, но грешка на домашните и Пелистер со двајца ракометари помалку успеа да дојде до 32-31.

Борзаш погоди за 33-31, но откако Е. Пелистер намали на 33-32, Алкалоид погреши во последниот напад на 15 секунди пред крајот. Па, на гостите им останаа седум секунди за последен напад. И во последниот напад Хосни погоди буквално во последната секунда за конечни 33-33.

Филип Кузмановски заврши со десет гола во редовите на Е. Пелистер, а кај Алкалоид најефикасен беше Тордарсон со седум погодоци од исто толку обиди, додека Митев постигна шест гола. Борзаш и Серафимов погодија по пет пати, додека голманите Кизиќ и Галевски собраа десет одбрани.

 

Се вчитува...