Кошаркарите на Пелистер со лесна победа ја почнаа новата сезона во Првата лига откако вечерва како гости рутински славеа над Тиквеш со резултат 84-96. Актуелниот вицешампион ја оправда фаворитската улога, лесно го контролираше резултатот од почеток до крај, ниту за момент не оставајќи им надеж на кавадарчани дека би можеле да приредат изненадување.
Домаќините последен пат водеа со 7-4, на што Пелистер возврати со серија од шет поени и водство од 7-10. Битолчани влегоа во шутерски ритам, па со тројките на Ташовки и на Мишковиќ стигнаа до 9-16, а домашниот тренер при 9-18 побара тајмаут. Советите вродија со плод, па Тиквеш ја намали негативата и првата четвртина заврши со само два поена разлика (21-23).
Тоа беше се од отпорот на домашниот тим, бидејќи продолжението од натпреварот мина во целосна доминација на гостите од Битола. По тројката на Мишковиќ за 24-32 домашниот стратег побара нов тајмаут, но овојпат советите на вродија со плод, па следеше нова серија на Пелистер и експресно водство од 24-39. Стајиќ влезе во ритам со пет поени во низа, па Пелистер на одмор замина со водство од 37-49.
Третата четвртина мина во апсолутна доминација на избраниците на Александар Петровиќ, кои со поените на Мишковиќ дојдоа до 42-59, а нешто подоцна и до предност од над 20 поени. Во последните десет минути се влезе со предност на Пелистер од 57-76, битолчани рутински ја одржуваа позитивата, Тиквеш во финишот влезе во кратка серија, но разликата не се спушти под 10 поени и „пелистерци“ рутински ги прокнижија бодовите од овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА