Кошаркарите на актуелнито вицешампион на Македонија, Пелистер без проблеми славеа на домашен терен против Феникс со 110-93 во премиерниот меч од шестата рунда од новата сезона во Првата лига.
Првата четвртина донесе ефикасна кошарка на двете страни, па по десет минути гостите од Скопје имаа минимална предност од 24-26. Избраниците на Ацо Петровиќ одиграа неверојатно во вториот период во кој го полнеа кошот на противникот од секоја позиција, па на пауза меѓу двете полувремиња заминаа со двоцифрена предност (59-46).
Во третиот период избраниците на Денис Дервишевиќ успеаја да ја преполоват предноста (70-63), но тоа е се што успеаја да направат во мечот. Во последниот период битолчани повторно заиграа на ниво и на крајот стигнаа до убедлив триумф од 110-93.
Никола Мишковиќ со 30 поени, надополнети со 13 скока и седум асистенции беше убедливо најдобар поединец кај победникот, додека кај поразените Андреј Митревски заврши со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА