Пелистер брка „плус три“, Нексе доаѓа во „битолскиот пекол“

Ракометарите на Пелистер вечерва (20.15 часот) го пречекуваат Нексе во реваншот од осминафиналето во СЕХА-лигата, во обид да ја надополнат негативата од три гола (20-23) од првиот меч во Хрватска. Домашниот терен ќе биде значаен адут на „пелистерци“, се најавува полна сала и огромна поддршка од трибините, а тренерот Бабиќ очекува неговите ракометари да ги минимизираат грешките во нападот, нешто што беше главен проблем на првата средба.

„На првиот натпревар имавме лош офанзивен дел, многу технички грешки и мора да се поправиме. Одбраната и транзицијата беа добри во Нашице. Верувам дека грешките ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Што се однесува до екипата, ќе бидеме комплетни. Јотиќ и Маџовски влегоа во тренажен процес по повредите и ќе се најдат во стројот“, изјави Бабиќ. 

Ловро Јотиќ, кој вообичаено е меѓу најдобрите стрелци на битолчани, очекува навивачите да им дадат крилја на домашните ракометари, за на крајот сите заедно да се радуваат на место во четвртфиналето, каде би ги очекувал тимот на Вардар.

„Ни следи тежок натпревар и имаме мал притисок поради тој пораз од три разлика. Мора да ја задржиме или подобриме одбраната од Нашице, но во нападот мора да реагираме и да го заборавиме лошиот натпревар. Можеме да напредуваме во транзицијата, Нексе Нашице во Битола ќе наиде на атмосфера каква што не паметат. Со малку среќа и исполнување на советите на стручниот штаб, мислам дека можеме да се радуваме“, изјави Ловро Јотиќ.

Хрватскиот тим доаѓа засилен за реваншот во Битола, откако во екипата се врати Халил Јагањац, поранешниот „бомбардер“ на Металург кој сега е прв стрелец на Нексе. Сепак, тренерот Хорвар се уште има проблеми со тимот бидејќи не може да смета на двајцата десни бекови, Иван Сршен и Марко Бувиниќ.

 

Се вчитува...