Пелистер ја продолжи својата доминација во ракометната Супер-лига откако тимот на Стевче Алушовски славеше во дерби-дуелот против Пролет со 29-25, воедно прекинувајќи ја серијата од седум победи на гостите од Скопје. За битолчани ова беше десетта победа во низа, со што „зелено-белите“ уште еднаш покажуваат квалитет и карактер во овој дел од натпреварувањето и чекорат сигурно кон пласман во плејофот.
Ракометарите на Пролет одиграа одлично во првиот дел, кога направија серија кон средината на полувремето, стигнаа до предност од три гола и истата ја задржаа, па на одмор заминаа со водство од 9-12. Сепак, Алушовски на паузата најде лек за одбраната на гостинскиот тим, па Пелистер одигра фуриозно во вторите 30 минути, постигнувајќи дури 20 погодоци и правејќи целосен пресврт.
Орјоникидзе со седум и Чантурија со пет погодоци беа најефикасни кај Пелистер, додека најдобри стрелци на Пролет беа Манасков и Андоновски со по шест гола.
Претходно, во првиот натпревар на денешната програма Работник го декласираше тимот на Радовиш со 34-18, полувреме 21-10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА