Пелистер и Пролет ремизираа 23-23 во последниот натпревар од петтото коло во Супер-лигата, супердраматичен дуел во кој домаќините во самиот финиш стигнаа до реми. Нивниот подвиг е уште поголем ако се знае дека „пелистерци“ во првите 20 минути имаа постигнато само еден единствен гол, но на крајот сепак успеаја да избегнат пораз.
Гостите од Скопје сигурно уште долго ќе жалат што не стигнаа до цел плен на „жешкиот терен“ во Битола, особено по одличниот почеток во кој одбраната на чело со голманот Кизиќ функционираше беспрекорно, а Пролет имаше водство од 1-7. Дарио Петровски ја прекина серијата на Пелистер од 18 минути без постигнат гол, по што домаќините одиграа фуриозно во преостанатиот дел од полувремето и дојдоа на само еден гол негатива (8-9).
Пролет беше подобар тим и во поголем дел од второто полувреме, рутински контролирајќи го резултатот до пред самиот крај. Сепак, кога беше најважно гостите потклекнаа, па иако на неколку минути до крајот водеа со 18-22, на крајот со пенал во последната минута Пелистер успеа да спаси бод (23-23).
Ласко Андоновски со осум и Џонов со шест гола беа најефикасни во таборот на Пролет, но главни фигури на мечот беа Талевски и Петровски, кои постигнаа по десет погодоци за Пелистер, дваесет од вкупно 23-те гола на целиот домашен тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА