Пелистер дома против ПСЖ се збогува од ракометна Европа

Ракометарите на Е. Пелистер вечерва во 20.45 часот во Битола го пречекуваат ПСЖ во рамките од последното коло од групната фаза во Лигата на Шампионите, меч што нема да има преголемо резултатско значење за македонскиот првак ако се знае дека „пелистерци“ не успеаја да излезат како победници во трката со Висла за место кое води во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.

Без оглед на фактот што нокаут фазата остана недостижна, македонскиот првак заслужува комплименти за начинот на кој играше оваа сезона, особено во последните месеци откако на клупата дојде Раул Алонсо. Шпанскиот стратег успева да создаде победничка машинерија на домашната сцена, воедно и екипа што забележа неколку победи во ЛШ, најавувајќи уште подобри денови за ракометна Битола во наредната сезона.

За разлика од „пелистерци“, ПСЖ допатува во Битола со резултатски императив – „светците“ со победа на овој меч и поклопување на останатите резултати би можеле да стигнат и до второто место во групата и директен пласман во четвртфиналето.

„Дуелот против ПСЖ е празник за луѓето во Битола, бидејќи ни доаѓа една од најдобрите светски екипи. Треба да се покажеме во вистинско светло, да дадеме максимум како и на сите натпревари досега и да се обидеме да победиме. Знаеме дека ПСЖ ќе дојде мотивиран во Битола, бидејќи важно им е да завршат второпласирани во групата и директно да се пласираат во четвртфинале. Ќе дојдат во најсилен состав и со мотив да победата. Последните натпревари против ПСЖ покажаа дека добро играме против овој тим. Одигравме храбро и не го респектиравме ривалот на првиот дуел сезонава. Така треба да бидеме и денеска, да ги искористиме нашите шанси и нивните слаби страни. Сакам да се заблагодарам на атмосферата во Лигата на шампионите оваа сезона. Навистина ги имаме најдобрите навивачи во Европа, салата е веќе распродадена в четврток и верувам дека фановите пак ќе бидат со нас“, изјави Урош Борзаш, српскиот интернационалец во редовите на Е. Пелистер.

Се вчитува...