Пелистер е незапирлив во 2026 година, славје и против Феникс

Пелистер продолжи со серијата импресивни изданија од стартот на новата година, откако битолчани стигнаа до четвртата победа во низа во Супер-лигата во 2026. Неколку дена откако во салата во Маџари го совладаа истоимениот тим, избраниците на Боро Даскаловски на истото место славеа убедливо и над тимот на Феникс (80-95), потврдувајќи дека во топ-форма ќе го дочекаат завршниот турнир од Купот на Македонија.

Денешниот меч беше израмнет само во првата четвртина што заврши со резултат 20-20. Вториот период мина во апсолутна доминација на гостите од Битола, Феникс повеќе од седум минути немаше постигнато поени од игра (само четири од линијата за слободни фрлања), додека „пелистерци“ предводени од центарот Вилсон го полнеа нивниот кош и на одмор заминаа со убедливи 33-49. По само неколку минути игра во третата четвртина Пелистер ја проби и границата од „плус дваесет“, со тројката на Стајиќ поведувајќи со 35-56. Остатокот од дуелот беше само рутина за битолчани, кои знаеја како да ја задржат убедливата предност и славеа со конечните 80-95.

Вилсон беше прв стрелец на Пелистер со 22 поени, Брејси Дејвис оствари дабл-дабл од 21 поен и 10 скокови, а Стајиќ имаше 14 поени, 6 асистенции и три украдени топки. Во таборот на Феникс најистакнати беа Матиус со 14 и Наумоски со 13 поени.

Пелистер во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе се сретне со домаќинот Куманово, меч што е закажан за петок заедно со сите останати четвртфинални двојки.

Се вчитува...