Еурофарм Пелистер оствари извонредна победа од 32-31 на дуелот против ГОГ Гудме, совладувајќи го лидерот во данскиот шампионат и правејќи огромен чекор напред кон следната фаза од Лигата на Европа. Тренерот Бабиќ за овој меч не можеше да смета на повредените Мандалиниќ и Кусан, во второто полувреме настрада и Кукуловски, но „пелистерци“ покажаа карактер, се издигнаа над сите проблеми и стигнаа до голем триумф.
Битолчани одлично го почнаа натпреварот, предводени од извонредниот Мараш поведувајќи со 6-3. Текот на натпреварот се промени по исклучувањето на Кукоски, кога во рок од две минути гостите постигнаа три погодоци и израмнија на 6-6. ГОГ поведе и со 6-7, по што Бабиќ побара тајмаут, но данските ракометари го контролираа резултатот до крајот на полувремето и на одмор заминаа со минимално водство од 15-16.
„Пелистерци“ покажаа карактер, па кон средината на второто полувреме повторно влегоа во серија, со головите на Мараш и на Костески поведувајќи со три гола разлика (25-22). Проблемите станаа уште поголеми откако при резултат 27-26 повреда заработи младиот Кукулоски, кој сосема добро ја покри позицијата лев бек во отсуство на повредениот Мандалиниќ. При 28-26 Чаневски одбрани пенал, потоа значајна одбрана имаше и Хендави, но „пелистерци“ пропуштија напад при 30-27 да го решат мечот.
Данците се вратија, намалија на 30-29, но потоа повторно блесна Хендави, бранејќи пенал по исклучување на Кукоски при резултат 32-30. ГОГ намали на 32-31, Пелистер промаши напад за победа, па Данците го имаа последниот напад во обид да стигнат до израмнување. Сепак, одбраната на „фармацевтите“ го издржа овој последен налет, за трета европска победа во низа на македонскиот вицепрвак.
Десниот бек Мараш беше најефикасен со осум гола од девет обиди, седум гола постигна Периќ, шест пати прецизен беше Граџан, а пет гола постигна Костески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА