Кошаркарите на Пелистер во реприза на минатогодишното финале ќе го предизвикаат МЗТ Скопје во плеј-оф серијата за титулата во домашната Прва лига, откако во полуфиналната серија славеа над Работнички со 3-1.
Битолчани вечерва во натпреварот број четири на домашен терен славеа со 88-80 и со тоа го потврдија и вторпат брејкот кој го направија во натпреварот број еден одигран во Скопје.
Домаќините фуриозно го стартуваа мечот, буквално полнејќи го кошот на противникот од секоја позиција, па по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 29-20. Во вториот период гостите од Скопје заиграа за нијанса подобро, но и тоа не беше доволно да му се приближат на противникот кој на пауза меѓу двете полувремиња замина со двоцифрена позитива (48-37).
Во третиот период избраниците на Самарџиев конечно го пронајдоа ритамот, па конечно успеаја да добијат еден период во овој меч и пред последните десет минути да влезат со негатива од само шест поени (66-60). Сепак, тоа беше се од гостите, бидејќи домашниот тим успеа да го исконтролира мечот во последниот период и да стигне до конечен триумф од 88-80 што значеше ново финале во домашниот шампионат.
Јуре Планиниќ со 23 и Андреј Маслинко со 20 поени беа први имиња во таборот на победникот, додека кај поразените Декоси и Рикиќ постигнаа по 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА