Екипата на Пелистер синоќа го дозна и последниот ривал во групната фаза од ФИБА Европа купот во кој битолчани ќе ја бранат честа на македонската кошарка како единствен тим од мак-баскетот што ќе биде дел од европската кошаркарска сцена.
Приевидза од Словачка ќе биде последниот член на групата Д каде што е сместен и Пелистер, заедно со екипите на Цедевита јуниор од Хрватска и Керавнос од Кипар. Предвидено беше дел од оваа група да биде и Левице од Словачка, но откако овој тим пријатно изненади обезбедувајќи влез во ЛШ на ФИБА, се отвори место за нов тим.
Претходно беше најавено дека тоа ќе биде „среќен губитник“ од последните квалификациски средби, но ФИБА во последен момент го промени планот и во групата Д го испрати составот на Приевидза, кој во вчерашните квалификации славеше над Цибонa со 101-94, бидејќи поразената Цибона е од иста земја како и Цедевита јуниор, па според правилата не може да се најде во иста група од ФИБА Европа купот.

Согласно распоредот, „пелистерци“ европската авантура во ова натпреварување ќе ја стартуваат со гостување во Загреб против Цедевита јуниор закажано за 15 октомври, а една седмица подоцна битолчани на домашен терен ќе ја пречекаат токму екипата на Приевидза во премиерниот европски кошаркарски меч што ќе се одигра во салата „Боро Чурлевски“ во „градот на конзулите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

