Кошаркарите на Пелистер продолжуваат со гостински натпревари, па по дуелот во Скопје со Работнички нов предизвик за „зелено-белите“ е натпреварот со Широки Бријег што ќе се игра на теренот на противникот со почеток во 18 часот.
Широки е ривалот против кого „пелистерци“ го забележаа првиот и единствен триумф досега во АБА2 лигата, во првото коло кога избраниците на тренерот Петровиќ триумфираа со 74-72. Пелистер по тој дуел нанижа три порази во АБА2, а тимот на Широки дури во минатото коло стигна до првата победа (дома против Подгорица), па двата тима влегуваат во мечот со идентичен скор 1-3, свесни дека само со победа би останале во игра за влез во следната фаза од регионалното натпреварување.
„Пелистерци“ немаа многу време за рехабилитација по неделниот пораз од Работнички, но сите во таборот на македонскиот вицепрвак се свесни дека денеска ќе мора да играат многу подобро ако сакаат да излезат од резултатската криза.
„Овој натпревар е „да се биде или не“ за нашиот состав. Се наоѓаме во криза веќе извесен период и овој дуел е добра шанса да го поправиме впечатокот. Со победа против Широки ни се отворени шансите завтор круг, тоа е најдобар можен мотив. Потребна ни е максимална пожртвуваност и фокус во текот на сите 40 минути, агресивна одбрана со која нема да му дозволиме на домаќинот да влезе во ритам“, изјави Бобан Стајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА