Пелистер го освои „Јане Сандански“ за осма победа во низа

Пелистер ја продолжи победничката серија во Првата кошаркарска лига откако во 9. коло славеше на гостувањето кај Феникс 2010 со 60-73. Битолчани рано стигнаа до висока предноста, одолеаја на налетот на домаќините кои два пати успеваа да стигнат до изедначување и сосема заслужено се радуваа на осмата победа во низа.

По изедначеното отварање на натпреварот во кое двата тима реализираа за три поени, а најдоа и решение во рекетот иницијативата ја превзема Пелистер кој со поените од транзиција стигна до предност од 9-16. „Зелено-белите“ продолжија со добрата игра на двата дела од теренот, но промашија отворени обиди за зголемување на предноста па казната следеше од домаќините кои преку Митревски ја вратија негативата на еден напад (15-18). Сепак Феникс не успеа да го најде ритамот во нападот, Караџовски и Стајиќ на спротивната страна погодија зад линијата 6,75 па предноста по 10. минути игра остана во рацете на гостите за 16-24. Пелистер уште во воведот на втората четвртина стигна до двоцифрена предност, но домашниот тим експресно ги консолидираше своите редови. Феникс 2010 заигра далеку подобро во одбраната каде ги спречи лесните поени, а добриот проток на топката во нападот донесе отворени обиди, а со самото тоа и изедначување од 34-34. Сепак последните минути од првото полувреме им припаднаа на битолчани кои преку Стајиќ, Хаџифејзовиќ и Карпентер „побегнаа“ на 35-45.

Натпреварот продолжи во изедначен ритам и на отварањето на второто полувреме. Пелистер долго одолеваше на камбекот на Феникс 2010, но избраниците на Дервишевиќ благодарение на добрата одбрана во рекетот и поените од втора шанса на Хот од минута во минута успеваа да ја намалат негативата која во еден момент изнесуваше 47-51. Изгубените топки повторно скапо ги чинеа „виолетово-жолтите“ кои шест пати „го продадоа нападот“, а тоа знаеја да го искористат „зелено-белите“ кои со тројката на Карпентер со звукот на сирената поведоа со 47-60. Феникс благодарение на шутот за три поени повторно се врати во игра и намали на шест разлика (57-63) во последната четвртина, но немаше сили за нов егал. Пелистер одговори преку Карпентер и Стајиќ за нова двоцифрена предност која овој пат умешно ја задржаа.1

Предводник на Феникс 2010 со 12 поени и 5 скока беше Такер, дабл-дабл од 11 поени и 10 скока забележа Трајковски, додека со 10 поени, 5 скока и 4 асистенции двоцифрен беше и Митревски. 17 поени за Пелситер постигна Карутерс, 15 поени и 9 скока додаде Хаџифејзовиќ, 13 поени и 6 асистенции забележа Стајиќ.

Се вчитува...