Раководството на Пелистер се реши за неочекуван потег – да му врачи отказ на тренерот Ненад Трајковиќ по двата пораза од Работнички на стартот од плејофот.
Особено болен за битолчани беше денешниот неуспех со огромни 29 поени негатива, по што управата реши да му се заблагодари на Србинот за сработеното, а улогата на прв тренер до крајот на сезонава да му ја додели на досегашниот помошник Дејан Иллиевски.
„Кошаркарскиот клуб Пелистер ја известува јавноста дека ја прекинува соработката со тренерот Ненад Трајковиќ, по слабите игри и резултати на екипата во изминатиот период.
Трајковиќ дојде на чело на Пелистер на почетокот од оваа календарска година на местото на Александар Петровиќ, српскиот стратег за момент успеа да го внесе тимот во посакуван ритам, но падот на формата и слабите резултати на стартот од плејофот беа причина како управа да бидеме принудени на ваков чекор по два пораза во четвртфиналната серија со Работнички.
Улогата на прв тренер до крајот на сезонава ќе ја има Дејан Илиевски, стручњак што во последните години е дел од тренерскиот тим на „зелено-белите“, а сега ќе добие шанса и како шеф на стручниот штаб.
КК Пелистер му се заблагодарува на Трајковиќ за за професионалниот ангажман и посветеноста од првиот ден во Битола, воедно и му посакуваме многу среќа во работните обврски во иднина“, се вели во соопштението на актуелниот вицешампион на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА