Пелистер го промовираше Стефан Спировски, па Капинковски ја одржа првата прозивка на стартот од летните подготовки (ВИДЕО)

Пелистер и официјално го промовираше поранешниот македонски репрезентативец Стефан Спировски како својо нов фудбалер.

Спировски повторно се врати во својот дом, во матичниот клуб, за кој ќе биде големо засилување за новата натпреварувачка сезона.

Откако во 2009 година го напушти Пелистер, 34-годишниот Спировски настапуваше во Борац Чачак, Работнички, Вардар, а изгради и интернационална кариера со настапи во Унгарија, Израел, Ерменија и Грција. За македонската фудбалска репрезентација запиша 55 настапи, а беше дел и од Европското првенство во 2021 година.

По промоцијата на Спировски, „пелистерци“ под палката на новиот борд на директори, на чело со Александар Стефановски, новиот координатор на пионерско-младинската школа, Марјан Секуловски, а од пред десетина дена и новиот шеф на стручниот штаб, Димитар Капинковски, денеска ги започнаа и подготовките за новата сезона.

Димитар Капинковски попладнево прозиваше на стадионот „Петар Милошевски“, а од ланската екипа присутни беа само дел од фудбалерите со постоечки договори и оние кои летово потпишаа нови (Ристевски, Гроздановски, Миленковскк, Трајковски, Наумоски, Керим). На истекот на договорот клубот го напуштија: Дејан Ѓуриќ, Захар Тарасенко, Фернардо Брито Карваљо, Масааки Такахара, Бојан Спиркоски, Виктор Серафимовски, Даниел Карчески и Стефан Костов. Кон првиот тим се приклучени и најталентираните младинци, Јован Мрмарчевски, Андреј Мурговски и Ерџан Фејзуловски.

Екипата ќе тренира во Битола, а во втората фаза ќе одигра пријателски натпревари со Струга ТЛ, Трајал Крушевац, Егалео и Охрид.

Се вчитува...