Пелистер го замрзна Охрид на „минус 40“

Пелистер ја врза и третата победа во низа во рамките од Првата лига, откако битолчани лесно и убедливо славеа над Охрид со 97-57. Охрабрени по победите над МЗТ во Битола и над Еуро Никел во Кавадарци, избраниците на тренерот Радуловиќ одиграа одличен меч во кој целосно го надиграа противникот и заслужено стигнаа до најубедливата победа ова натпреврувачка сезона.

Охриѓани успеаја да парираа само во првата четвртина по која Пелистер имаше минимално водство од 22-19. Затоа, вториот период од овој меч мина во апсолутна доминација на битолчани, кои постигнаа 35 поени наспроти само 14 на противникот, практично решавајќи го прашањето на победникот. Ваквиот исход му овозможи на тренерот Радуловиќ да им даде шанса и на дел од резервните кошаркари, кои продолжија со ист ритам, предноста се повеќе се зголемуваше, за на крајот Пелистер да триумфира со конечни „плус 40“.

Планиниќ, кој пред неколку дена пристигна во Пелистер беше најефикасен со 22 поени и седум скокови, Мијовиќ постигна 18, а Лука Стојановски 17 поени за битолчани. Најефикасен во таборот на Охрид при денешниот убедлив пораз беше Бернард со 16 поени.

Се вчитува...