Пелистер имаше лесен тренинг со Ангели (фотогалерија)

Пелистер остана перфектен и по петтото суперлигашко коло откако битолчани славеа со убедливи 76-100 на гостувањето во Скопје против КК Ангели. Очекувано, „зелено-белите“ имаа целосна кoнтрола и над играта и над резултатот, а убедливото водство овозможи и гостите да сочуваат дел од силите за наредниот предизвик – домашниот дуел од ФИБА Европа купот против Цедевита јуниор закажан за среда во Битола.

Ангели имаше водство 0д 5-3, единствена предност на домашниот тим по што следеше серија битолчани и брзо водство од 5-12. Стојановски постигна пет поени во низа за 8-15, домашниот тим се приближи до 13-15, а во 9. минута успеа и да израмни на 17-17. Сепак, „пелистерци“ одлично ја завршија четвртината со 17-22, штo беше увертира за беспрекорниот втор период што го одиграа избраниците на тренерот Даскаловски. Првото двоцифрено водство беше во 13. минута (19-29) преку Малешевиќ,по што „зелено-белите“ издоминираа до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 29-54.

Остатокот од мечот беше само рутина за битолчани кои без мака го приведоа мечот до крај. Третата четвртина заврши со нивно водство од 50-77, во последните десет минути шанса добија голем дел од резервните кошаркари, но тоа не се одрази врз резултатот и Пелистер лесно го доби овој меч со убедливи 76-100.

Американецот Прајс со 18 поени ги предводеше стрелците кај Пелистер, 15 постигна Малешевиќ, додека Кацарски со 18 и Атанасов со 14 беа најефикасни во таборот на Ангели.

Се вчитува...