Пелистер испушти двоцифрена предност за четврти пораз во АБА2

Пелистер го претрпе четвртиот пораз во АБА2 лигата откако на отварањето на турнирот во Широки Бријег загуби од домаќинот со 66-75 во натпревар во кој „зелено-белите“ имаа и двоцифрена предност во првото полувреме. Широки Бријег одигра катастофално во нападот во првото полувреме, поготово во втората четвртина, но успеа да го најде ритамот за победа во вторите 20. минути.

Двата тима добро го штитеа рекетот на отварањето на средбата, а резултатската иницијатива му припадна на Пелистер кој отвори со три прецизни обиди за три поени за предност од 9-4. Битолчани продолжија да ја одржуваат предноста, а благодарение на играта „два на два“ помеѓу Магдевски и Хот стигнаа и до највисоките +7 (15-8), но во завршницата на првата четвртина избраниците на Радуловиќ не успеаја да го задржат ритамот, загубија три топки кои Широки Бријег ги искористи за целосен пресврт и предност од 17-19. Пелистер успеа да се врати во предност уште на отварањето на втората четвртина, но речиси шест минутниот пост на противникот не успеа да го искористи на вистински начин за повисока предност. Широки Бријег го скрши мразот со поените на Човиќ, но добрата одбрана на битолчани продолжи да биде фактор на натпреварот. Пелистер стигна и до двоцифрена предност (34-24), но противникот од Босна и Херцеговина одново имаше подобар финиш на четвртината за само 37-31.

Ритамот на Широки Бријег продолжи и во второто полувреме во кое домаќинот на турнирот го најде решението во нападот. Тимот од Босна и Херцеговина влезе во шутерски ритам во нападот, одигра одлично и во одбраната каде ги примора битолчани на тешки обиди па ја превзема предноста и поведе со 50-53 по 30. минути игра. Серијата на тројки на Магедевски и Костоски ја врати предноста во рацете на Пелистер (57-55), но добрата одбрана на Широки Бријег одново го запре налетот на „зелено-белите“. Домаќинот на турнирот продолжи во добар ритам и во нападот па стигна и до двоцифрена предност од 60-70, а на битолчани не им помогна ниту лошата реализација од линијата за слободни фрлања па следеше мирен финиш на средбата.

Со 12 поени, 6 скокови, 5 асистенци и 5 украдени топки Магдевски беше лидер на Пелистер, додека со 29 поени прво име кај Широки Бријег беше Нутал.

Се вчитува...