Стевче Алушовски е изборот на раководството на Пелистер за нов предводник на битолските „зелено-бели“ во вториот дел од сезоната, откако Рубен Гарабаја поднесе оставка неколку кола пред крајот на календарската година, по што привремен тренер беше Звонко Шундовски.
Како опции се споменуваа неколку странски имиња, но „пелистерци“ сепак се решија за домашен стратег, давајќи му доверба на Алушовски, кој беше и предводник на Е. Работник на почетокот на овој ракометен проект во Битола.
„Нашиот нов почеток во 2026 година е поврзан со добро познато име. Стевче Алушoвски е нов тренер на Пелистер и ќе ја води нашата екипа до крајот на оваа сезона. 53-годишниот тренер по неколку години се враќа во својот матичен клуб, во улога на тренер на шампионот на Македонија. Алушoвски во два наврати водеше клуб од Битола – Пелистер и Работник, а сега го презема тимот на Пелистер.
Нашиот прославен репрезентативец тренерската, како и играчката кариера, ја започна во Битола. Во мак-ракометот ги водеше Вардар 1961 и Охрид, а кратко работеше и во Исланд. Прозивката на новиот тренер е закажана за в среда (14 јануари) во 17:00 часот“, објави македонскиот шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

